Доколку се подготвувате за летен одмор и сакате со себе да понесете производ кој ќе ја освежува важата кожа додека сте на плажа или доколку барате нешто кое нема да им дозволи на високите летни температури да ја дехидрираат кожата-имам супер предлог!

Се подготвува супер брзо, многу малку чини, а придобивките од истиот ќе ги уживате уште по првата употреба.

Станува збор за вода од рози, или ти ружина вода – розова вода – rose water  или како и да сакате да ја крстиме. Заслужни за нејзината популарност се дамите од Персија од каде првобитно започнува трендот за употреба во козметички цели. Уште многу одамна тамошните жени ја користеле како мирис или ја додавале во водата за капење. Денес покрај маслото од рози, водата од рози се користи во многу хидратантни и зацврстувачки креми.  Во Персија, оваа вода се нарекува „голаб“(Persian: گلاب‎‎; golāb) и тамунејзината употреба е задолжителен дневен ритуал за убавина.

Во овој рецепт, покрај водата од рози, користам уште една состојка, која ја омекнува, освежува и тонизира кожата – и од дехидрирана ја прави повторно мека и нежна, а еве како истото да го подготвите сами:

Состојки:

  • Ливчиња, да не речам латици, од роза
  • Деминерализиранa (дестилирана) вода
  • Таблетка витамин C од 500mg
  • Стаклено шише / шишенце со распрснувач

 

Што добивате од овој тоник?

Водата од рози помага во одржување на pH балансот на кожата иго контролира лачењето на себум. Има антивоспалителни својства што значи дека го намалува црвенилото на иритираната кожа. Ја хидрира и омекнува кожата и ѝ дава свеж изглед. Благодарение на антибактериските својства кои ги поседува, соодветна е за кожа која е склона кон акни. Се верува дека мирисот на рози ги релаксира сетилата и го подобрува расположението.

Витаминот Ц има антиоксидантни својства и ѝ овозможува на кожата да е цврста и затегната, додека не дозволува сончевите зраци да го нарушат нејзиниот квалитет, ги штити и регенерира ткивата.

Овој тоник има адстригентни својства, па затоа е соодветен за апликација непосредно по чистење на кожата, или по третман со пареа, со тоа што ги тонизира порите, ги одмара капиларите и ги намалува црвенилото и отоците – истовремено ја освежува сувата и дехидрирана кожа, особено по подолготрајна изложеност на сонце.

Постапка: Во зависнот од големината на празното шишенце кое го имате на располагање и од количината која сакате да ја подготвите, ставете толкаво количество дестилирана вода да се загрева. Јас произволно земав 300-350ml, бидејќи имав две празни шишенца (подоцна сфатив дека ќе ми биде многу, па со количината која ми остана, смислив уште нешто, плус – ќе прочитате на крај. 🙂

Додека водата се загрева, убаво измијте ги ливчињата на розите. За да ја подготвите водата од рози ќе ви бидат потребни неколку цветови. Јас употребив два. За да бидете сигурни дека сте на прав пат со мерките, во садот ставете вода точно да ги покрие ливчињата. Повеќе рози – повеќе вода – повеќе готов производ.

Покријте го тенџерето со капак, но внимателно следете ја бојата на ливчињата. Не чекајте сосема да ја изгубат бојата. Штом забележите промена како на сликата, исклучете го огнот и процедете.

Оставете водата да се олади, потоа додадете ја таблетката витамин Ц, претходно искршена. Колку поситно – толку побрзо ќе се раствори. Витаминот Ц е термолабилен, затоа не брзајте, почекајте водата убаво да се олади.

1.      Вака подготвен тоник има рок на траење 7 дена

2.      Најдобро е да го чувате во фрижидер

3.      Препорачана фрекфенција на аплицирање – нема (сепак, со усул)

4.      Нанесувајте на чисто лице, задолжително наутро и навечер

5.      Е, не може да имам блог пост без П.С.

затоа,

П.С. Доколку направивте количински повеќе од потребното, замрзнете ја водата во коцкички и употребувајте ја наутро за да ги намалите отоците по спиење. Масирајте го лицето на местата каде имате оток. На колагенот му се допаѓаат вакви ритуали, па несомнено ќе допринесе за свеж изглед.

Очекувам фидбек!