За здрава и негувана кожа на лицето, покрај секојдневната нега, во текот на летниот период потребно е да ѝ посветиме малку повеќе внимание. Сите сакаме убав и темен тен, меѓутоа сончевите зраци не ни се најдобри пријатели кога станува збор за стареење на кожата. Покрај задолжителните креми со заштитен фактор, оваа маска е нешто кое ќе ни помогне да ја зачуваме кожата на лицето што е можно подолго млада и негувана. И покрај тоа што не се приготвува во еден ден, ова е еден од моите омилени рецепти, бидејќи може да се користи и како пилинг и како маска – зависно од времето кое го имате на располагање во моментот.

Состојки:

  • Семка од авокадо
  • 4 супени лажици јогурт
  • 1 супена лажица бадемово масло
  • Лушпа од банана

 

Што добивате од оваа маска?

Семката од авокадо, содржи 70% од антиоксидантната содржина кое тоа ја има. Кога би требало да бидам поконкретна, содржи проантоцијанидини и флавоноли, но не ми е целта да ве оптеретувам со хемиски состав.  Она кое треба да го знаете е дека благодарение на него, за семката од авокадо велиме дека го успорува процесот на стареење на кожата. Има и подмладувачки ефект, бидејќи го стимулира создавањето на колаген. Често ќе најдете рецепти каде што маската за лице содржи пасирано авокадо, сепак мојот рецепт остава убавиот дел да го искористите како дел од вкусен оброк, а со семката да „правите магии“.

Јогуртот е богат со млечна киселина која ја хидрира кожата, помага во отстранување на мртвите клетки и ги затегнува порите. Содржи Б-витамини и минерали (меѓу кои најзначаен е цинкот кој не им дозволува на слободните радикали да „ѝ го крадат кислородот“ на кожата) кои ја потхрануваат и ревитализираат кожата која е сува и дехидрирана – што е важен предиспонирачки фактор за нејзино предвремено стареење. Истовремено соодветен е за кожа склона кон акни, благодарение на неговото антибактериско и антимикробно делување кое се должи на алфа хидроксилните киселини (АХА) кои ги содржи. Тие се овошни киселини, денес најчесто присутни во козметички anti-age производи и медицинска козметика против акни.

Бадемовото масло ја прави кожата мека и мазна, го упорува процесот на стареење на кожата благодарение на витаминот Е кој го содржи, а е моќен антиоксидант. Помага во регенерирање на оштетениот колаген и го поттикнува неговото повторно создавање.

Лушпите од банана содржат Б-витамини, магнезиум и калиум. Ги избелуваат темните дамки на лицето, го изедначуваат тенот и ја прават кожата мека, сјајна и негувана.

Постапка:

Ден 1: Семката од авокадо убаво измијте ја и оставете ја на суво и ладно место, да се осуши.

 

 

Ден 2 (подготовка на маската): Следниот ден веќе лушпата треба лесно да се лупи. Доколку изгледа како на сликата, а сè уште тешко се лупи, како во мојот случај, внимателно излупете ја со нож.

Излупената семка изблендирајте ја. Ќе забележите дека за неколку секунди бојата ќе се промени во темно портокалова – и тоа е океј, бидејќи во составот содржи танини кои така реагираат во контакт со кислород.

Следно, во блендерот додадете ги јогуртот и бадемовото масло. Предлагам да ги додавате лажичка по лажичка, за да не добиете многу ретка смеса. (Не е погрешно ако смесата ви испадне многу ретка, само така поголема е веројатноста да направите хаос при нанесување)

Маската финално треба да изгледа како на сликата подолу. Најпрактично е да ја нанесувате со четка.

Не, не ја заборавив лушпата од банана! Таа не е дел од смесата, но е дел од целата процедура. Пред да ја нанесете маската, лушпата од банана пресечете ја на неколку парчиња и со секое од нив, без силно да притискате, нежно измасирајте го лицето. На овој начин ја поттикнувате циркулацијата на кожата и правите благ неагресивен пилинг. Веднаш потоа, нанесете ја маската и оставете ја да стои 20 минути, потоа убаво исплакнете со млака вода.

Количината која на овој начин се приготвува, чувана во фрижидер, трае седум дена, а за да забележите ефект доволно е да ја употребувате три пати во неделата.

Чекам фидбек!