Теа попозната како Garlicky girl/ЛУКава девојка  ми е гостинка на блог со еден нов и лесен рецепт.
Се познаваме од гурмански настани и социјални медиуми. Спрема феноменално добар хумус и ужива во добро вино.

Се надевам дека ќе ви се допадне овој нејзин краток и лесен рецепт. За повеќе рецепти од Теа, задолжително посетето го нејзиниот блог https://garlickygirl.com/

Авокадо тост на три начини

Дозволете да ви покажам колку е лесно (ама и многу вкусно) да се направи авокадо тост. Печено лепче со авокадо намаз и различни топинзи ми е омилена идеја за појадок или за вечера. Авокадото содржи мононезаситени масни кисели, богато е со витаминот К, содржи калиум дури повеќе и од бананите, а преполно е со уште многу витамини и минерални. Го има во сите добро снабдени маркети, цената му е релативно пристојна (едно авокадо е доволно за намаз) така што нема причина зошто да не го пробате.

Како да одберете авокадо: Зрелото авокадо е меко, ама не многу меко туку дава малку отпор кога ќе го притиснете со прст.

Авокадо намаз

Состојки:

  • 2 зрели авокада
  • 2 лажици ладно цедено маслиново масло
  • Сол и бибер
  • Сок од ½ лимон

Подготовка: Во сад, згмечете ги авокадата со вилушка. Зачинете со лимонов сок, маслиново масло, сол и бибер.

  1. Авокадо тост со јајце

Меко сварено јајце е се што му треба на еден совршен авокадо тост. Жолчката е како прелив, а авокадото е уште покремасто.

Едно тостирано лепче, намачкајте го со намазот од авокадо и ставете меко варени јајца од горе.

  1. Авокадо тост со пекорино кашкавал и чили

Кашкавалот пекорино ми е омилен! Одлично оди со кремастото авокадо и чили пиперчиња.

Едно тостирано лепче, намачкајте го со намазот од авокадо. Изрендајте пекорино (или друг тврд кашкавал) и од горе ставете малку исчекано чили пиперче. Прелијте малку со оцет балсамико.

  1. Авокадо тост со домат и маслинки

Комбинацијата на авокадо и домат е непобедлива! Едноставно, овие две состојки одат совршено заедно.

Едно тостирано лепче, намачкајте го со намазот од авокадо. Врз него ставете малку домат, исечкан на мали коцкички и маслинки.

По желба, од горе ставете семки од тиква, сончоглед или ленено семе.