Ова е од оние рецепти каде што не ви требаат точни инструкции и мерки за состојките.

Се што ви треба е павлака (или по фенси “грчки јогурт”) малку какао и некој засладувач, додатоците се по желба  или она што веќе имате по дома. Готово е за 5 мин а заштедувате на внесување на непотребни шеќери и додатоци кои ги има во готовите, пакувани овошни јогурти и павлаки. Одличен избор за доручек или десерт, уште ако додадете една-две лажички протеин тогаш имате супер ужина за после тренинг.

Ова се состојките што јас ги користев:

Состојки :

  • 1 грчки јогурт (по можност со ниска масленост)
  • 1 голема лажица какао
  • 1 мала лажичка мед/агаве нектар/јаворов сируп/стевиа
  • малку екстракт од ванила (не повеќе од една капка)
  • една шака овошје
  • 1 лажица путер од лешник *
  • 3 големи лажици гранола ** или мусли/јаткасти плодови/кокос/овес/семки

*Може да го најдете во Vega , превкусен е и секогаш свежо подготвен

**Јас користам претходно домашно подготвена гранола од кокос и суви боровинки, меѓутоа може и веќе готова само внимавајте на состојките, посебно на присуство на шеќер

Подготовка:

  1. Истурете ја течноста што се собира на површина од павлаката и ставете ја во сад за мешање
  2. Додадете го какаото, засладувачот што ќе го користите (во мојот случај јаворов сируп) ванилата, и се убаво промешајте се додека не се добие соединета кафена смеса
  3. Сервирајте во чашка/тегличка (доколку не го конзумирате веднаш) и додадете го овошјето и гранолата

 

Совет плус : доколку не го конзумирате веднаш, овошјето и гранолата или јаткастите плодови додадете ги пред конзумирање за да се истакне крцкавиот вкус и да не омекнат.