The pressure is real кога треба да напишеш прв пост, прв рецепт и сакаш да оставиш добар впечаток. Мислам дека не постоеше подобар избор од колачиња. И тоа не било какви:кокос-бадем колачиња прелиени со чоколадо. Можам да гарантирам дека нема ни да осетите дека се направени од здрави и природни состојки и не мора да чувствувате грижа на совест ако изедете и две (или можеби три).

Прелесни се за правење, состојките се лесно достапни и супер одат во комбинација со попладневно кафе или чај.
Немојте да се збуните и да се предомислите кога ќе видите ѓумбир и морско оревче, не се осеќа вкусот, а во комбинација со другите состојки дава многу добар контраст. Кога го решивме и тоа ајде сега да готвиме.

Ова се сите состојки кои ќе ви бидат потребни:

  • 1 шолја сув кокос
  • ½ шоља мелени бадеми *
  • 1 јајце
  • 4 големи лажици кокосово масло на собна температура (нерастопено)
  • 4 големи лажици јаворов сируп/мед/агаве нектар
  • 1 мала лажичка цимет во прав
  • ¼ мала лажичка морско оревче во прав
  • ¼ мала лажичка ѓумбир во прав

*непечени и несолени бадеми ставете во блендер и блендајте додека не се добие смеса слична на брашно

Постапката е следна:

  • Сите потребни состојки ставете ги во сад и матете со миксер се додека не се соединат. Смесата што ќе ја добиете треба да биде малку леплива.Откако ќе ги измешате состојките, смесата би требало да изгледа вака:

Во случај да е малку потечна смесата, додадете 1-2 лажички мелени бадеми за да се добие леплива смеса со која ќе може да формирате топчиња.

  •  Формирајте 7-8 топчиња со иста големина (намачкајте малку кокосово масло пред да ги формирате за да избегнете смесата да ви се залепи на дланките)
  • Ставете ги формираните топчиња на тава со хартија за печење и притиснете ги за да добијат порамна форма (околу 1cm).
  • При печење спласнуваат, затоа оставете доволно простор помеѓу колачињата. Јас користев смеса од една ипол голема лажица за едно топче, за сите да бидат во приближно иста големина.

  • Печете на 180 степени , околу 12 минути или додека на краевите не добијат златно-кафеавкаста боја
  • Откако ќе се испечат, добиваат ваков изглед. Нека не ве плашат загорените крајчиња, така треба да изгледаат, им дава покрцкав шмек. Спремете си ги состојките за декорирање и не заборавајте да ги оладите колачињата пред да ги преливате со чоколадо.

  • Кога ќе ги извадите од рерна ќе имаат малку леплива структура , кога ќе се оладат, ќе се зацврстат. Потребно е да бидат потполно оладени кога ќе ги декорирате.

За декорација:

  1. Растопете го чоколадото во микробранова се додека не се добие течна смеса (околу 90 секунди)
  2. Декорирајте ги по желба со растопеното чоколадо и наросете со кокос и бадем.
  3. Оставете да се зацврсти чоколадото пред да ги сервирате.

Финално ги декорирав вака:

Дополнителен совет: чувајте ги во фрижидер во затворен сад и ќе бидат свежи и до 7 дена, па ќе си грицкате цела недела. 🙂