Со другаркиве договарањето за искачање ни трае вечност. Кика, ко најстара пресече и нè собра кај неа инаку дури во 2017 ќе се видевме сите на куп.

Едногласно беше усвоен предлогот да се прават лазањите по рецептот на татко и, што се патем најубавите лазањи што сум ги јадела во животов. Затоа сакав и да го споделам овој наш и не толку очаен обид за готвење.

Во продолжение еве како 5 жени се снаоѓаат во кујна.

Откако Кика уредно ги испазари сите намирници, стигна моментот да го договориме виното од причина што после седум нели не може да се купи алкохол, па ќе останевме без вино. Од Виноскоп па наваму омилено ни стана новото Rose на Тиквеш па и немаше некоја дебата околу тоа што да се купи. Ќе пробам најсликовито да ви го објаснам процесов на спремање на лазањите.

Рецептот оди вака:

Потребно е едно пакетче лазањи и еден мешан кашкавал.

За првиот сос (болоњезе) ви е потребно* :

  • 1 главица кромид
  • 300-400 грама мелено месо
  • сол, бибер, вегета и оригано
  • 350 грама салца 
  • 1 ловоров лист
  • 100мл бело вино

Сецканиот кромид (џвакајте мастика да не ви солзат очите дури го сецкате) се пропржува и потоа му се додава мелено месо. Потоа сите зачини по желба, сол, бибер, вегета и оригано. Дополнително ја истурате салцата, ловоровиот лист и 100-те ml бело вино во тавчето. Доколку ви се гледа многу густа смесата, слободно додадете малку вода. Откако ќе го тргнете тавчето од огин, задолжително извадете го ловоровиот лист.

Oтприлика вака треба да ви изгледа готовата смеса :

 

За вториот (бешамел) сос:

  • 50 грама путер
  • 50 грама брашно (3-4 големи лажици)
  • 500ml млеко

Во друго тавче треба да го растопите путерот и да додавате брашно лажица по лажица мешајќи. Не заборавајте да мешате цело време бидејќи ќе ви се создадат грутки од брашното. Смесата треба да добие златеста боја. Потоа се додава млекото и непрекинато се меша. Смесата треба да се згусне колку и да звучи смешно- како купечки ќечап :D. Потоа се трга на страна.


Мислам дека главната тајна на овие лазањи е во нивната мекост. Тоа се прави со една фора што никогаш не би ми текнала (ова е по избор, ние немавме време, па го прескокнавме овој чекор, но одговорно тврдам дека вака подготвени се повкусни).

Потребно е лазањите да се стават во врела вода и да вријат 5 минути во истата. Во водата може да ставите малку зејтин. Бидете внимателни кога ќе ги вадите.


Бидејќи сè е спремно, следен чекор е припремањето на тавчето. Потребно е да имате правоаголнесто тавче и истото да се намачка со маргарин за да не се залепат лазањите. Редите попречно по четири лазањи една до друга, во ред.

Распоредот на смесите во тавчето оди вака:

  • ред лазањи
  • болоњезе сос
  • бешамел сос
  • рендан кашкавал
  • ред лазањи
  • болоњезе сос
  • бешамел сос
  • ред лазањи
  • бешамел сос
  • рендан кашкавал

 

Вака наредени лазањите се покриваат со алуминиумска фолија и ставаат во загреана рерна на 200 степени да се печат 45 минути. По тие 45 минути се вади фолијата и се враќаат да се допечат додека не добијат кафена боја, за да бидат крцкави.

Откако ќе се подоладат, се сечат на крупни коцки.

Овој рецепт е за 4-6 лица, зависи колкави јадачи сте :D. Ние извадивме 6 парчиња, со тоа што Весна и Маца јадат како за еден човек.

*по желба, може да ставите свежи печурки при подготвувањето на првиот сос

Пријатно готвење <3