Десерт може да биде зависност или противотров, утеха или провокација, да избуди стампедо на сетила и чувства и да го разбуди умот. Реткост е сето одеднаш, но се ова беше прекрасно доловено и на некој начин евоулирано на дегустацијата на десерти во ресторанот FOUR одржана на 01.04.2017.

Присутните имаа ексклузивна можност да ги пробаат слатките деликатеси, приготвени од рацете на Мастер шефовите Франциско Ариола и Сокол Пренга, заедно со тимот од ресторанот FOUR. Докажани експерти во оваа област, Франциско Ариола, сопственик на шпански ресторан во Тирана и финалист во најпознатото кулинарско шоу MasterChef Albania и Сокол Пренга, сопственик на еден од најпознатите ресторани за слатки во Тирана – Delikatese.

Да се вратиме на најбитното, слатките. Презентацијата ме остави без зборови, беспрекорна до најситниот детал дури и десертите веќе познати кај нас беа еволуирани и со уникатни финеси. Нетипични вкусови за македонската кујна, приготвени по најсовремени кулинарски техники. Од лимон тарт, бисквита со цитрон и какао, торта со јаболко, тирамису, панакота со шумски овошја и крцкави тестенини, луто чоколадо – truffle со крем од ѓумбир и портокал, тирамису, чоколаден мус заборен во сфера од бело чоколадо и ганаж од кафе, до желатин од јагоди со прстени од чоколадо и балсамик крема. Вистински рај за љубителите на десерти.

Свежи и квалитетни состојки, послужени на оптималната температура врзана за десертот, приготвени за поголема група на луѓе а сите идентични по изглед, вкус и квалитет, за момент помислив дека ова е само една првоаприлска шега. Гостите од странство, мастер шефовите Франциско Ариола и Сокол Пренга, како и шефовите од тимот на ресторан FOUR поставија нови стандарди за десертите во Македонија.

На крајот, гостите кои ги дегустираа десертите имаа прилика да ги оценат според своето лично мислење. Најпопуларните десерти ќе станат дел од менито на ресторанот, а кои се тие ќе дознаете и ќе имате прилика да ги пробате наскоро. 🙂