По првата успешна страна во Портрет, во овој декемвриски и воедно роденденски број ќе ви предложам каде да ги пробате едни од најдобрите пици во Скопје.

За една пица да е вкусна, зависи од многу фактори: составот на тестото, на кој начин е испечена и секако свежината на состојките. Ова е мојот избор за најдобрите пици во Скопје.

Пелистер – Куриоза

Подготвена во фурна на дрва, по традиционален италијански рецепт со Semolina брашно. Куриоза го спојува најдоброто од Италија – пелат, моцарела, пршут, рукола и пармезан. Пелистер е едно од ретките места во градот, каде храната е со постојан квалитет. Која пица и да ја порачате нема да погрешите 🙂

Carpe Diem – fine wine & dine – Quattro Formaggi

Од мирисот на лукче и крцкава кора со нота на оригано, до совршениот спој на 4 сирења – моцарела, пекорино, сино сирење и ајдамер. Quattro Formaggi е вистинско уживање за секој љубител на пица, а пријатниот амбиент и одличната услуга во Carpe Diem го прави ова искуство незаборавно.

Енрико – Кулен

Македонскиот твист на најпопуларната пица во Америка – Pepperoni, со пелат, кулен, ајдамер, маслинки и оригано. Вкусот на оваа пица најдобро е доловен во Енрико, а специфичната форма на тесто ја прави поразлична од сите останати пицерии. Но и покрај добрата италијанска храна, Енрико константно потфрла на услуга и љубезност.

Леоне – Супер Леоне

Прилепска пицерија, во центарот на Скопје. Специјалитетот на куќата, најкалорична и со најмногу состојки од сите пици. Подеднакво вкусна и печена на дрва. Пелат, кашкавал, печурки, врат, павлака, чајна, маслинки и оригано е калоричната бомба по име Супер Леоне. Имаат прилично голем избор на пици, верувам дека секој ќе си го најде фаворитот 🙂

 

Балила – Капричиоза

Балила е една од најстарите пицерии во градот. Ретко кој не пробал пица овде, но доколку сте вие еден од тие – топло ви препорачувам да пробате капричиоза. Подготвена со пелат, шунка, кашкавал и печурки. Секогаш нагласувајте дека сакате свежи печурки, бидејќи користат маринирани. Ако сте презаситени од класична капричоза, предлагам да нарачате Калцоне, крцкаво потпечена и крунисана со сусам (како додаток).