Појадокот е најважниот оброк, клучен за добар и енергичен почеток на денот. Најчесто велам, започни го денот со здрава храна за да немаш грижа на совест кога јадеш бургер за ручек. 😀

Soho House е неодамна отворено место за здрава исхрана со мала кујна, бар, како и елегантен и кул декор кој е комбинација од рустично дрво и полиран метал. Интересната музика во позадина, опуштениот и едноставен амбиент одлично ја отсликува храната која тука се служи.

Целата храна на менито е подготвена со здрави и природни состојки како овошје, зеленчук и суперхрани што значи дека ќе бидете покриени со сите нутритивни вредности потребни за добар енергетски старт на денот. На менито ќе најдете голем избор на: смутис, свежо цедени сокови, омлети, свежи салати, сендвичи, бомбици и барови.

Наутро сите брзаме некаде па така и јас и Драган во брзање при првата посета одлучивме да пробаме Strawberry Smoothie и Hulk Smoothie. Не сум голем љубител на пиење кафе наутро и како алтернатива за отворање очи најчесто пијам смути или свежо цеден сок. Strawberry Smoothie со јагода, банана, ананас и цеден портокал, не многу кисело-не многу благо, одлично за старт на денот и најбитно од се што ме држи подолго време сита и полна со енергија. Доколку пак доаѓате од утрински тренинг и немате многу време за појадок, Hulk Smoothie е вистинскиот избор за вас. Доза протеин, банана, спанаќ и авокадо, одлична комбинација да ги нахраните и зајакнете вашите мускули. Специфичен, силен вкус и прилично густа текстура, одлично си ја врши работата, но вкусот дефинитивно не е за секого. Ако сакате нешто повкусно и полесно, а исто толку ефикасно ви препорачувам да пробате Protein Bar кој сами го подготвуваат. Протеинска плочка со овес, кокос, бадеми, урми и whey protein.

Воодушевени од првиот впечаток, моравме да дојдеме повторно да го доловиме целото искуство од амбиент до услуга, хигиена, секако да пробаме и нешто друго на менито. Најпрво бевме грешно информирани по телефон од вработените дека омлетите се достапни до 13 часот, па кога пристигнавме не известија дека не можат да не услужат со омлет затоа што појадокот бил до 12 часот. Мало недоразбирање кое ни ги измени плановите па решивме да дојдеме утредента за да пробаме и омлет.

Следниот ден за појадок одбравме Parma сендвич и oмлет со зеленчук. Parma сендвич: телешка пршута, пармезан, рукола и авокадо, помеѓу две парчиња ржан леб со семки. Одличен контраст помеѓу солениот вкус на пармезанот и земјената нота на руколата. Два спротивни вкуса кои функционираат феноменално заедно, комплементирани со крцкав ржан леб со семки кои запечени при подготовката на тост даваа посебен шмек. Единствено нешто што би сменила во овој сендвич е тоа што би додала некој намаз, бидејќи е премногу сув. Сервиран во прилог со кечап и чипс, се трудев да сфатам како чипсот си го најде местото во целиов оброк затоа што на менито се е подготвено со здрави и природни состојки. Кечапот одлично се надоврзува на вкусот, но на чипсот сметам дека не му е местото како прилог со овој сендвич.

Општо познат проблем во нашиот град кога станува збор за локали е недоволно или несоодветно едуциран кадар. Разбирам дека се работи за неодамна отворен локал, но навистина остава лош впечаток кога персоналот е недоволно информиран па мора и по неколку пати да оди до кујна и назад за да праша нешто. Притоа персоналот не знае да им објасни на своите гости кои се додатоците во омлетот, која е цената и кои се бомбиците во фрижидерот. Во менито го немаат внесено омлетот, исто така две од салатите кои ги имаат во менито, не беа во можност да ги спремат што е голем минус. Персоналот е фин и услужлив, но целосно неупатен во храната од менито.

По препорака дојдовме да пробаме омлет во кој вие одлучувате што да додадете. Додатоците од кои може да бирате се: пршута, кашкавал, печурки, домати, авокадо, маслинки и рукола. Вкусот на омлетот сигурна сум дека ни е познат на сите, така да останува на вас да го прилагодите на вашата палета преку додатоците кои ви се на располагање. За која комбинација и да се одлучите нема да погрешите, единствена ситна замерка беше недостатокот на зачин, малку сол и бибер при самата подготовка на јајцата ќе го крене омлетот на сосема ново ниво. Во прилог, неколку кришки од ржаниот леб со семки.

Секој оброк треба да заврши со нешто слатко, во овој случај бомбици кои сами ги подготвуваат. Almond Coconut, Nutella и Bounty, светото тројство. 🙂 Иако изборот на бомбици е голем, овие 3 се мои фаворити и сигурна сум дека ќе ви се допаднат. Almond Coconut: бадеми, кокос, ванила и урми. Bounty: кокос, индиски ореви, урми, кокосово масло и какао, вкусот на чоколатцето Bounty доловен до перфекција. И на крајот омилената, Nutella: лешник, какао, ванила и урми, прелиена со чоколадо 🙂

Засега, дефинитивно треба да се поработи на услугата и брзината со која работи кујната затоа што го нарушува целиот концепт и амбиент кој местото го создава.

Soho House е вистинско освежување за градот, овој тип на кујна за здрава ихрана дефинитивно недостасуваше кај нас. Без разлика дали сте на диета, внимавате на исхраната, спортувате, или можеби не практикувате ниедно од наведените, а едноставно сакате да уживате во добро кафе и свежо цеден сок или пак добар оброк. Soho House е место за секого и топло ви препорачувам да го посетите 🙂