Време е да го поздравиме летото и да се подготвиме за пониски температури.

Промените на климата во овој период од годината многу често знаат да предизвикаат карактеристични промени на нашето тело. Сигурно забележувате дека и покрај вообичаените ритуали за нега, кожата ви изгледа дехидрирано и изморено, скалпот е почувствителен од порано, а косата забрзано опаѓа. Ќе ви откријам уште еден многу лесен рецепт, за кој сум сигурна дека ќе ви се допадне.

За косата и скалпот, преминот од август во септември е еден од најстресните во годината, затоа е потребно да им посветиме малку повеќе нега и внимание. Ова практично е премин од период кога скалпот бил во голема мера подложен на трауми (од типот на: секојдневно миење со шампон, сонце, море, сол, песок) во период кога температурите нагло опаѓаат и веќе оштетената коса, уште повеќе исцрпена, многу потешко ја одржува виталноста.

За да ви помогнам во справувањето со дел од овие проблеми на адаптација, ќе ви покажам како сами да подготвите еден спреј кој може да го користите за три намени:

  1. Нега и полесно расчешлување на косата
  2. Третман против опаѓање на косата
  3. Третман на чувствителен скалп склон на десквамација

Состојки:

  • 100ml дестилирана вода
  • 7 капки етерично масло од рузмарин
  • 1 лажичка арганово масло
  • 1 лажичка алое вера гел
  • 5 капки глицерин (растително потекло)

 

Што добивате од овој спреј?

Рузмарин Кога се аплицира на скалпот, го стимулира растот на косата благодарение на неговата способност да ја активира циркулацијата на местата каде се нанесува. Благодарение на неговите антиинфламаторни својства, најчесто е дел од препарати за третман на сув скалп. Дополнително, оваа состојка е одговорна за освежителната мирисна нота на овој производ.

Арганово масло Ова масло е богато со витамин Е и антиоксиданти, па затоа велиме дека е задолжено за здравиот раст на косата. Го потхранува скалпот и му помага да се справи со иритации.

Алое вера  – Содржи протеолитички ензими кои делуваат на мртвите клетки на површината на скалпот. Игра улога на одличен кондиционер и ја прави косата мазна и сјајна. Го забрзува растот на косата, го заштитува скалпот од иритации, чешање и ја намалува неговата десквамација (перутење).

Глицерин – Глицеринот од растително потекло е богат извор на масла кои ја омекнуваат косата и ѝ овозможуваат подолго време да го задржи влакното хидрирано и потхрането, благодарение на богатата содржина хумектанти.

 

Постапка:

За да не губите од количината, моја препорака е да ги префрлувате состојките директно во шишенцето кое подоцна ќе го користите за нанесување на производот. За да бидете точни со количините, препорачувам да користите стерилни шприцеви или чашки, кои можете да ги набавите во било која аптека (нема многу да ве чини, а сепак ќе работите со чисти реквизити). Сепак, доколку ви е полесно да работите со домашна „стакларија“ не заборавајте да го дезинфицирате секој сад кој ќе го употребувате – на тој начин финалниот производ ќе има подолг век (бидејќи во составот не додаваме вештачки конзерванси кои инаку го продолжуваат рокот на употреба на комерцијалните производи). Исплакнете го секој сад со разреден етанол и оставете неколку минути да се исуши.

Во шишето прво додадете ја потребната количина вода, а потоа додавајте ги останатите состојки – редоследот на додавање не е важен. Силно протресете, за да се поврзат и водената и маслената фаза. Двофазниот спреј за нега на коса и скалп е готов!

Важно:  Пред секоја употреба силно протресете го спрејот, на тој начин ќе аплицирате подеднакво од двете фази.

Со оваа рецептура, количински имате минимум 50 распрснувања, може да го користите минимум 1 месец – доколку го чувате на суво и темно место, на собна температура.

П.С. Кога ќе го потрошите спрејот, па сакате да го подготвите уште еднаш, сега откако сте веќе “испраксирани” , моја препорака е да направите неколку модификации:

– Наместо дестилирана вода, користете домашно подготвена вода од рози.

– Наместо арганово масло, користете кокосово масло

Веќе зборувавме за придобивките од овие состојки во претходните блог постови – затоа, ве охрабрувам да импровизирате!

 

Чекам фидбек!