За почеток би сакала да ви покажам еден многу познат и лесен рецепт. Верувам дека сите сте чуле за Тирамису. Освен што е превкусен, се прави многу едноставно и не треба да се пече.

Различни извори наведуваат дека овој десерт настанал во градот Тревизо, во ресторанот “Le Beccherie”, од рацете на слаткарот Роберто Лингваното, наречен Лоли. Согласно други верзии, десертот тирамису настанал во Сиена (град во Тоскана), во чест на војводата Козимо III во прилика не една негова посета на градот.

Тирамису е еден од најпопуларните десерти; се сервира секаде, не само во италијанските ресторани и пицерии. Рецептата  е адаптирана за торти, пудинзи, сладоледи и други варијанти на десерти.

Состојки кои ќе ви бидат потребни:

  • 200 гр. маскарпоне
  • 1 жолчка од јајце
  • 1 чаша јако кафе (еспресо)
  • 150 гр. Плазма
  • 100 мл. слатка павлака (хопла)
  • ликер по избор
  • какао во прав
  • шеќер

Клучните состојки се токму маскарпоне, кое е слатко кремаво сирење (може да го најдете во сите поголеми маркети) и комбинацијата на јако кафе и ликер. Што се однесува до ликерот може да го искористите вашиот омилен или било кој што ќе ви се најде при рака. Јас користев чоколаден ликер.

Во длабок сад, треба да издвоите една жолчка. Потоа додавате 3 лажици шеќер. Непрекинато матите со жица додека смесата не се соедини.

Кога ќе добиете една хомогеност, додадете го маскарпонето во истиот сад заедно со хоплата.

Колку и да ви е мачно да матите рачно, тоа е единствениот начин за убаво да ја соедините смесата, бидејќи подготвуваме во мала количина. Матете 2-3 минути додека смесата не ја добие потребната густина како на сликата.

Следен чекор е подготовка на бисквитите Плазма.

Во еден не толку длабок сад, претурете го кафето.

Потоа додајте го ликерот заедно со една лажица шеќер.

Мешајте додека не се растопи и последното зрнце шеќер. Многу е важно кафето да е ладно, бидејќи така бисквитите малку ќе омекнат и нема да ви се распаѓаат кога ќе декорирате. Бисквитите внимателно потопете ги во комбинацијата од кафе и ликер. Потребно е од двете страни рамномерно да упијат, затоа превртувајте ги. Отприлика ќе ви бидат потребни 10-12 биксвити.

Откако бисквитите добро ќе упијат, но ќе си ја задржат формата, може да преминете на декорација.
Најдобро би било да одберете некој широк сад. Бисквитите ги кршите на половина и редите: еден ред бисквите, еден ред од готовиот фил(воедно треба да завршите со него). Така се додека не го исполните цел сад.

За дополнителен шмек, најодозгора наросете какао во прав

Пријатно готвење!